Тројца професори од ПМФ со порака до Царовска: Наставниците треба реформата да ја чувствуваат како своја, а не како наметната

Реформата во основното образование треба да биде добро осмислена, за да може секој да се вклопи, а не најголем дел од наставниците да чувствуваат отпор и одбивност. Ако има одбивност нема да биде ништо подобро од претходната Кембриџ реформа. Ова е пораката која до министерката за образование Мила Царовска ја упатуваат тројца професори од скопскиот Природно-математички факултет.

Проф. д-р Владимир Петрушевски и проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и проф. д-р Катерина Русевска од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје за „Скопско ехо“ ги искажуваат своите видувања на предложените промени.

Досега искажавте повеќе критички забелешки во однос на предложениот Нацрт-концепт за промени во основното образование. Имате ли впечаток дека тие забелешки се прифаќаат од МОН, од министерката за образование Мила Царовска?

Владимир Петрушевски: Ние имаме децениско (лошо) искуство со избрзани и нефункционални реформи. При планирање на реформи во образованието, освен педагози и психолози, мора да се вклучени стручни лица од наставничките факултети и училиштата. За жал, тоа не беше случај. Ниту еден професор од ПМФ не е консултиран при изработката на концепцијава, исто како што сме прескокнувани и во минатото, на пример при воведувањето на т.н. Кембриџ програма. Отсуствува желба за соработка и сослушување на различни мислења. Потврда за ова е нетранспарентноста при организирањето на оваа јавна расправа, на која беа поканети голем број директори и претставници на невладини организации, но ниту еден наставник од основно образование. Немаше можност ниту за дискусија со членовите на работната група во текот на расправата. Освен добра волја, потребни се и докази дека тоа што се прави е добро. Затоа, неопходно е пилотирање, анализа на исходите, подобрување на недостатоците, па дури потоа нејзина целосна имплементација.

Кои се работи кои, според вас, се најважни во реформата, што треба како прво да се прави и понатаму?

Катерина Русевска: Најважни во реформата се децата! Сѐ што се прави треба да биде во нивен интерес и во ничиј друг. На пример, треба да се подобрат основните услови во училиштата, а потоа да се изградат и опремат лаборатории по природни науки (нешто што се најавува), но и да се вработат лаборанти одговорни за овие лаборатории. Секој ученик треба да добие подеднакво квалитетно образование без разлика на училиштето, хобито на наставникот и неговата способност да пребарува материјали на интернет. Во однос на природните науки, на сите ни е јасно дека интеграција веќе постои и без да има спојување на предмети. Затоа, нашиот предлог е да ја гледаме големата слика, предметите физика, хемија, биологија и географија да постојат како одделни предмети, а со програмата да се планира реализацијата на заедничките теми. Никаква комбинација на т.н. модули не нуди квалитет. Важно е учениците од 7. до 9. одд. да се запознаат со овие предмети поради понатамошното насочување на учениците кон средните училишта. Воведувањето на нови предмети или модифицирањето на постоечките мора да биде усогласно со наставните програми на факултетите на кои се едуцираат идни наставници во одделенска и предметна настава, а за секоја наредна реформа навремено да бидат вклучени универзитетски професори и наставници од училиштата.

Доколку МОН и министерката го „истераат“ концептот онака како што е замислен во најголема мера, сметате ли дека тој ќе може да биде спроведен и дали ќе наиде на отпори?

Марина Стојановска: Она што е јасно и за кое сите сме согласни е дека постои потреба од реформи. Но, прашањето е какви реформи ни требаат навистина и дали предложенава реформа е најдобро решение за сите. Наставниците треба да веруваат во реформата и да ја чувствуваат како своја, а не како наметната. На повидок се големи големи проблеми во реализација на наставата, како со задолжителните, така и со изборните предмети. Спојувањето на предметите отвора многу прашања. Така, трите модули (физика, хемија, биологија) би се реализирале од 1 септември до 10 јуни, но непознато е во кој временски период ќе се реализира т.н. интегриран модул. И сето тоа со вкупно пет часа неделно. Дискутабилно е оценувањето од страна на повеќе наставници за еден предмет. Имено, се предлага една завршна оценка, со „опис на преференците во додатокот на свидетелство“. И само за информација: во САД совршено функционира курсот по природни науки (Сциенце), ама тие едуцираат соодветен кадар за тоа. Курсот го предава ЕДЕН наставник, а не тројца. Понатаму, тешко изводливо е за нецели 7 месеци да се изработат и наставни програми и учебници по сите предмети и да се обучат сите наставници за да започне учебната година на 1 септември онака како што доликува. На крајот на краиштата, наши деца ќе учат и наши наставници ќе предаваат по ова што ќе се донесе! Треба да биде добро осмислено, за да може секој да се вклопи, а не најголем дел од наставниците да чувствуваат отпор и одбивност. Оти така нема да биде ништо подобро од Кембриџ.

Тројцата да заклучиме: интересот на децата не е само подобрување на инклузијата, воведување на сеопфатно сексуално образование, демократизација и човекови права. Има многу повеќе од тоа и некоректно е за сето тоа да даваат ум некомпетентни луѓе, макар биле и (по автоперцепција) најумни на светот!

Претходна вестВо Србија почнува и давањето на втората доза на вакцини
Следна вестТврдеа дека инвестициите зависат од членство во НАТО, а сега пак и од попис и од избегнување на предвремени избори и од…