Царовска и во Словенија раскажа дека образованието ни се реформира успешно

Образовниот систем во Македонија според многумина долго време стагнира, кризира… Сите се свесни дека е потребно е многу работа и знаење за тоа да се поправи. Властите пак цело време уверуваат дека образованието го подигнале на повисоко ниво. Тоа сега го повтори и министерката Мила Царовска која заедно со министри од регионот, учествува на конференцијата „Ново размислување за економски раст“ во Љубљана, Словенија.

-Република Северна Македонија покажа во пракса дека со брза реакција на институциите може да се обезбеди континуитет во наставата дури кога тоа ни се чинеше невозможно. Сега, имаме образовен систем кој може веднаш да го менува моделот на настава во согласност со условите што ни ги диктира пандемијата, и на тој начин да одржуваме континуитет во наставата која е од исклучително значење за учениците, истакнала Царовска.

Инаку, дебатата на која ушествува министерката од која треба да произлезат корисни решенија за унапредување на растот и развојот на државите, но и да се споделат искуствата на земјите во справувањето со предизвиците од кризата со ковид се спроведува во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на капацитетите на министерствата за проценка на фискалните импликации од структурните реформи“.

-Вториот клучен сегмент на којшто нè научи кризата, а ние со години го занемарувавме како незначаен се реформите. Образованието мора да се менува, затоа што сé околу нас се менува. Се запрашавме што и како учат децата? И веднаш пристапивме кон нови реформски процеси кои започнавме да ги имплементираме и покрај пандемијата, бидејќи потоа ќе биде доцна, кажала министерката.

Во соопштението не е наведено дали на дебатата било споменато тоа дека македонската реформа во образованието беше неприфатена или пак се бараше да биде значајно променета од скоро сите значајни образовни институции во Македонија.

Претходна вестСо две дози се вакцинирани над 740.000 граѓани
Следна вестСинот на екс функционерот на ДУИ Муса Џафери доби кривична за нападот врз Бислимовски