Царовска објасни во МАНУ за реформите, а академиците…

За предложените реформи во образованието од големо значење е и мислењето на академиците, а реформите се неопходни ако сакаме подобри резултати, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска. Таа заедно со преставници на МОН, Бирото за развој на образованието и членовите на работната група денес ги продолжија дебатите за предложените реформи во основно образование со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). На средбата, според соопштението на МОН, биле присутни академици од Одделението за општествени науки.

Во информацијата до медиумите МОН наведува дека главни теми кои што се наметнаа во дискусијата, а се и најбројни меѓу пристигнатите забелешки до МОН, се динамиката со којашто ќе се спроведуваат реформите како и обуките кои што им претстојат на наставниците.

-Го имаме најтранспарентниот процес до сега. Од големо значење е и мислењето на академиците коишто доаѓаат токму од Одделението за општествени науки за предвидената интеграција на предмети за поефикасно учење кое треба да ги подобри резултатите. Добивме многу конструктивни коментари, особено од наставници од пракса во изминатиот период, но и од други засегнати страни кои ќе бидат земени предвид, кажала Царовска.

Министерката посочила дека досегашните резултати од меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост кај ученици.

-Тоа укажува дека ни се нужни неодложни реформи во основното образование, ако навистина се грижиме за идните генерации и сакаме да фатиме чекор со современиот свет, истакнала министерката на средбата.

Инаку, во соопштението ја нема информaцијата за тоа што за предложената реформа кажале академиците.

За потсетување, неодамна, МАНУ и нејзиниот претседател  Љупчо Коцарев отворено застанаа против предложениот концепт на реформата.

– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Никој не е против пишување на нови учебници по историја и воведување на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини, но не само во Македонија. Меѓутоа да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, потенцира академик Коцарев

И МАНУ во официјално соопштение неодамна потенцира дека е потребно систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја

-Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во обраќањето на Претседателството на МАНУ.

Останува да се види дали Царовска освен со Одделението за општествени науки при МАНУ ќе се сретне и со Претседателството на МАНУ.

Во соопштението на МОН не е наведено кои се академиците присуствувале на средбата. На веб-сајтот на МАНУ може да се прочита дека во Одделението за општествени науки се застапени следниве научни области: историја, историја на уметноста, археологија, економија, финансии, демографија, статистика, право, политички науки, филозофија, педагогија и други хуманистички науки. Членови на ова Одделение се: Вера Битракова-Грозданова (класична археологија и античка археологија на Балканот), Таки Фити (економски науки – макроекономија), Владо Камбовски (казнено право и криминологија), Гоце Петревски (економски развој, инвестиции, меѓународни економски проблеми) и Абдулменаф Беџети (макроекономија – јавни финансии). Дописни членови на Одделението се: Драги Ѓоргиев (историски науки) и Изет Зеќири (менаџмент).

Претходна вестУбаво, Општина Центар додели 400.000 денари помош за Петриња и Сисак кои беа погодени од земјотрес
Следна вестНа влез во Скопје полицијата запре возило со 40 килограми марихуана