Убаво ќе биде ако се реализира: Над 13.000 хектари земјоделско земјиште ќе бидат опфатени со нови системи за наводнување

Денеска се случи свечено потпишување на договорот за имплементација на четирите системи за наводнување по долината на реката Вардар како дел од програмата за наводнување на Македонија. Во своето обраќање Ковачевски истакна дека со програмата се овозможува наводнување нови над 13.000 хектари земјоделско земјиште, што е од исклучителна важност за развиено и конкурентно земјоделство.

Реализацијата на оваа програма е овозможена со поддршката на Кредитната банка за обнова – КфВ од Сојузна Република Германија преку заем од 80 милиони евра и грант од 2,8 милиона евра за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите. Со тоа се обезбедува 70 проценти од потребните средства за реализација на програмата за наводнување, а 30 отсто ќе се обезбедат преку буџетски средства.

-Имплементацијата на програмата за наводнување во нашата земја ќе овозможи создавање модерни и ефикасни системи за наводнување, кои ќе ги зголемат хидропотенцијалот и обемот на земјоделското производство и ќе ги намалат економските загуби. Реализацијата на оваа програма е во линија на нашите заложби за создавање модерно земјоделство по европски терк, со што ги решаваме децениските проблеми на нашите земјоделци. Реализиравме многубројни проекти од водостопанството, инвестираме во сите региони. Овозможивме изградба на нови и реконструкција на постојните системи за наводнување за да осигуриме стабилни и богати приноси и да бидеме уште поконкурентни на европските и светските пазари“, рече Ковачевски.

Убава вест и намера. Уште поубаво ќе биде ако сето најавено се реализира.

Претходна вестКошаркарскиот Куп годинава во Битола
Следна вестДемант на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто