Демант на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Општина Ѓорче Петров никогаш не депонирала отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии, реагира денеска оваа скопска општина на денешните тврдења на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Градоначалничката на Скопје денеска излезе со тврдењата за постоење на дива депонија на подрачјето на Ѓорче Петров која била во сопственост на лицето вработено во Општината, при што најави и кривична пријава против општинскиот градоначалник.

Од Ѓорче Петров одговорија дека Општината го чисти таквото ѓубре.

-Ја разбираме потребата и жедта за политички пресметки и кавги на градоначалничката Данела Арсовска, и намерата преку тоа да дојде до израз, бидејќи со работа и проекти тешко, но мораме да потенцираме дека и оваа нејзина помпезна прес конференција е промашена. За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ЈП „Комунална хигена“ во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад. Големиот помпезен случај на Арсовска, се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие, се наведува во општинското соопштение.

Оттаму на Арсовска и порачувата дека катастрофалното работење на јавните претпријатија, нехигиената, неуредените зелени површини, нема да ги покрие со политички мотивирани прес конференции.

-Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето на ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот, па на следната прес конференција да се пофали со некој изграден булевар, почист воздух или пак решение на чекањето по повеќе часови на автобуски превоз, кој секако согласно нејзините заложби треба да биде бесплатен, нагласуваат од оваа скопска локална самоуправа.

Претходна вестУбаво ќе биде ако се реализира: Над 13.000 хектари земјоделско земјиште ќе бидат опфатени со нови системи за наводнување
Следна вестМаж лажел дека му се потребни пари за лечење, на тој начин обезбедил 8.000 евра