Нова книга за големиот Крсте Петков Мисирков. Имено, во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, денес во чест на 70-годишнината од формирањето и 120-годишнината од излегувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, ќе биде одржана промоција на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“(прво и второ изменето и дополнето издание) на еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов.
Првото издание на книгата чиј тираж е веќе исцрпен беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“. Второто изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ пак, содржи 20 радио – интервјуа, и тоа: интервјуа посветени на 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 26 јули 2016 до 21 февруари 2017 година; интервјуа посветени на 115-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, реализирани во периодот од 15 октомври до 19 ноември 2018 година и интервјуа посветени на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 28 мај до 16 септември 2021 година.
– Ова второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов несомнено може да се смета за јасен и недвосмилен македонски одговор на најновата антимакедонска кампања што во последниве две – три години континуирано ја спроведуваат бугарските официјални власти и некои бугарски академски кругови со која се негираат посебноста на македонската нација, нејзиниот национален идентитет, нејзината историја и, особено, македонскиот стандарден јазик, се посочува кон ова издание.
Авторот на денот Стаменов наведува : „Крсте Петков Мисирков – филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално – политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар” и на македонската „златна” книга „За македонцките работи” која, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик. Но, и книга која претставува „македонска национална програма“.