По многу години чекање, стигна убава вест за граѓаните на Скопје и регионот. Ќе се гради нов ургентен интернистички центар во склоп на Kлиниката за токсикологија.
Денес, договорот за изградба нов ургентен интернистички центар на Токсикологија беше потпишан во Министерството за здравство, од страна на министерот за здравство, Фатмир Меџити и претставници на фармацевтската компанија ,,Алкалоид” и „Комерцијална банка”.
Министерот рече дека со ова, се исполнува уште едно ветување.
-Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании ,,Алкалоид” и ,,Комерцијална банка”, потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската Клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација, рече Меџити.
Целта на овој тријажен центар, како што појасни, е да претставува прв контакт со пациентите, каде што е предвидено да се пружа итна здравствена заштита.
– Тука, пациентите од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија, потенцира министерот.
Тој се заблагодари на компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти.