Убиено 14-годишно момче во центарот на Прилеп, неколку пати било избодено и оставено на тротоарот

Убиен малолетник во Прилеп. Имено, момче на 14-годишна возраст синоќа околу 19:30 часот е пронајдено без знаци на живот со повеќе убодни рани и надворешни крвавења во центарот на Прилеп. Неговото тело лежело на тротоарот од булеварот „Гоце Делчев“ наспроти Домот на културата „Марко Цепенков“ и не давало знаци на живот.

Момчето итно било пренесено во градската болница каде биле безуспешни сите обиди да се реанимира.

– Во 19:35 часот добивме повик за интервенција на булеварот. Констатиравме дека лицето има повеќе надворешни крвавења, не даваше знаци на живот. Беше пренесено на одделот за анестезија и реанимација при градската болница, но сите обиди за негова реанимација беа безуспешни, изјави дежурниот лекар при Службата за итна медицинска помош во Прилеп.

Увид направила полицијата и основен јавен обвинител. Наредена е обдукција на телото на 14-годишното момче.

– Трагичниот настан се случил во периодот од 19 до 20 часот. Според првичните сознанија, момчето било нападнато со остар предмет, сѐ уште не се знае дали од едно или повеќе лица. Било нападнато пред „Деветтокатницата“ во центарот на Прилеп. Пронајдено е со многу крвави убодни рани на тротоарот на булеварот „Гоце Делчев“, веројатно се обидело да се оддалечи од местото на нападот. Наредена е обдукција на телото за да се констатираат причините за смртта, истакна основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.

Претходна вестМасакр во Газа: Убиени 112 цивили кои тргнале по храна
Следна вестУбаво: Во Пустец ќе се постави биста на македонскиот великан Гоце Делчев