Убиј го противникот, а што потоа?!

 

Колумна на Габриела Арсова:

 Кога ќе успееме да сфатиме дека конуренцијата треба да е стимул да се даде најдоброто од себе?! Ќе прифатиме ли некогаш дека токму конкуренцијата е шанса за вистински избор?! Ќе разбереме ли некако дека основната цел не е конкурентот да се уништи, туку да се победи притоа давајки го најдоброто од себе?!

Помислете си, во било кој спорт, фокусот да не е да се совлада противникот со знаења, умеења, вештини туку на – убиј го противникот! Би ве заинтригирал ли тогаш? Би ги следеле ли тогаш натпреварите? Можеби да, но и таквиот порив си има име во медицината.

Уште повеќе, спортистите победиле, изгубиле по правило на крајот на натпреварот се ракуваат. Поразениот му честита на победникот. Некогаш се плаче од радост, некогаш од тага… Но, не се зема рекетот да се претепа противникот, да го снема. Впрочем, големина е да си прв, но како би си ги измерил квалитетите ако нема конкуренти! Со кого би се натпреварувале тогаш? Кој ке го даде шаренилото и предизвикот да се навива?!

Така некако би требало да е и на изборите…

Да, пред нас се уште едни избори и како се оди кон финалето станува се понепријатно. Наместо да се следи конкуренцијата, во последен момент да се извади некој џокер од ракав и да се победи, за жал не може да се избега од добро познатата матрица на оцрнување на конкурентот, фокусирањето да се најде најлошото за противникот…. море, да се убие во поим, па ако може и да го/ги снема?!

Ние не очекуваме некакво пријатно изненадување кое ќе му даде предност на вистискиот, ние сме осудени да следиме критики, навреди, подметнувања едни кон други…И така некако природно сме исправени пред трилемата – гласаме ли за против, го избираме ли најмалото зло или можеби евентуално го избираме најдоброт?!

Притоа однапред си знаеме, денот кога ќе завршат изборите не е денот за анализа на резултатите. Не е ни ден за почеток на подготовки со каква понуда може да се добијат следните изборите, кои реформи се неопходни во стратегиите, дали централизираното водење на кампањите е правилно или можеби не?! Денот по изборите како по правило е ден во кој сигурно не се признава легитимитетот на победникот. Денот по изборите е ден во кој веднаш се пристапува кон рушење на тукушто прогласениот победник на сите можни начини и со сите коректни и некоректни методи.

И така. Новоизбраните немаат никаква шанса квалитетно да водат и барем да се обидат да го дадат најдоброто од себе, Тие си имаат континуитет како во кампањата – брани се и напаѓај. Поразените никако не размислуваат како да прогресираат. Чуму? Тие веднаш се ориентираат кон рушење на „ненародната“ власт избрана на нелегитимни избори?!

Епа, драги наши, негативизмот, негативната селекција, ваквиот предвидлив и познат начин на играње нема како да не водат кон прогрес… и впрочем амбиентот, условите во кои се живее си се резултат на ваквиот негативизам!

Однапред честитки до победниците! Успешно нека е и за вас и за нас. И да… вие кои ќе бидете поразени бидете мудри – веднаш почнете ги подготовките за следните избори. Не губете златно време во непризнавање на резултатите, блокирање на работењето, туку засукајте ги ракавите и веднаш започнете ги подготовките за следните избори. Најдете ги најдобрите да ве претставуват, направете вистински планови и програми. Направете нешто добро за себе и за нас!

Претходна вестСојуз на борците од НОБ од Гази Баба, Петровец и Илинден: Бришење на букви и менување на споменици ќе значи сквернавење
Следна вестВетуваат градење, а молчат за одржување на веќе изграденото