Учебниците кои фалат нема ни да стигнат? Спасевска до МОН: До крај на септември учебник за секое дете, или кривични пријави!

На првите родителски состаноци што се организираат оваа седмица, заради почетокот на учебната година, родителите добиваат известувања од наставниците дека најверојатно дел од учебниците кои им недостасуваат на учениците – нема ни да ги добијат. Ова за „Скопско ехо“ го изјавија родители на основци од Аеродром, кои сакаат да останат анонимни.

Конкретно, проблем во шестите одделенија се историја и географија. Но во другите недостасуваат и други учебници.
Министерката Мила Царовска неодамна уверуваше дека сите учебници ќе пристигнат уште првата недела, но факт е дека ги нема. Таа мора да објасни јасно што е проблемот и што се случува. Во меѓувреме, наставниците не ги приморуваат родителите да копираат или принтаат, но во ситуација кога детето нема од каде да учи, ова е единствената солуција.

Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ вчера се закани со колективна тужба на сите надлежни на чело со министерството за образование и наука, ако до крајот на септември учебници нема за буквално секое дете.

-Настава има, учебници нема, и не е само за 4-то одделенците, туку и на сите основци и средношколци им недостигаат учебници. Ни пишуваат средношколци чии родители се невработени, и кои одвај издвоиле средства за прибор и обувки, не молат да им помогнеме бидејќи нивните родители немаат средства и за учебници – кои при тоа им следуваат бесплатно по закон. Ги замолувам сите родители да не даваат ниту денар за копирање и да го пополнат барањето за бесплатни учебници објавено на нашата фејсбук страна. Ги повикуваме сите надлежни институции на чело со МОН до крајот на септември да се обезбедат сите учебници за секое дете, во основните и средните училишта. Во спротивно ќе поднесеме колективна тужба и ќе одговараат за кршење на законите и уставот, вели Спасевска.

Таа нагласи и дека на 6 септември побарале од ДИК да им обезбедат подрачни единици за собирање на потписи за измена на законот за основно образование, но до овој момент одговор не добиле.

Претходна вестНападнат малолетник со нож пред спортска сала во Скопје
Следна вестСлаб земјотрес почувствуван во Виница