Најмалку девет ученици во три основни училишта на подрачјето на скопската општина Карпош се заразени со салмонела. Според информациите, пет ученици се во основното училиште „Владо Тасевски“, три во „Војдан Чернодрински“ и еден пријавен случај во „Јан Амос Коменски“. Се работи за ученици од од прво до трето одделение.
На терен веќе се излезени епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, како и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие вршат вонредни инспекциски надзори „со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба во објектите, откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување“.
Општина Карпош соопшти дека кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела.
Во соопштението се потрвдува дека во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.
-Во ООУ “Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амос Коменски” од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште, информираат од Општина Карпош.
Оттаму посочуваат дека во петокот за појадок имало мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо со кисело млеко.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта.
– Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ Димо Хаџи Димов каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта, велат од Општина Карпош.
Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.
Инаку, салмонелоза е болест која се пренесува преку храна и најчесто се поврзува со консумација на јајцата и претставува важен јавно здравствен проблем. Бактеријата „салмонела ентеритидис“, може да се пронајде во совршено нормални јајца за консумација, иако тие се термички необработени, бактеријата може да предизвика болест.
Појавата на првите симптоми кај лица заразени со салмонела се појавуваат во период од 6 до 72 часа по консумирање на контаминирана храна. Најчести симптоми се стомачни грчеви, гадење, повраќање и дијареа, понекогаш и висока температура. Болеста трае од 4 до 7 дена, а понекогаш и подолго.