Математичко-информатичката гимназија во Скопје уште има маки. Прво надлежните дозволија да нема професори по најважните предмети, а сега учениците се на протест поради незадоволството од новите професори, односно дека не останале дел од старите кадри.
Изборот на нови професори се изврши деновиве откако кон крајот на минатиот месец се дојде во апсурдна ситуација во школото да не се одржува настава бидејќи нема доволно професори по математика, физика…. Тогаш ресорното министерство вети дека проблемот брзо ќе се реши со продолжувањето на договорите на стручните професори, но овие средношколци сега добија нови професори чиј избор сега го проблематизираат.
-Проблемот навидум ќе се решеше со распишување на огласот за професори и вработување на стручни лица од соодветните области. За жал, решението остана навистина навидум. Иако на конкурсот аплицираа стручни професори кои имаат завршено докторски студии од соодветните области, што е критериум посочен во законот за Математичко-информатичка гимназија, без никакво образложение од страна на директорката тие професори беа одбиени на јавниот оглас за наставен кадар во училиштето. Дел од тие професори веќе предавале во МИГ и ја докажале својата стручност, сега се заменети со нови професори, кои, колку што знаеме некои од нив не ги исполнуваат критериумите за професор во МИГ, реагираат учениците од МИГ во писмото испратено до „Слободен печат“.
Тие нагласуваат дека направениот избор на професори е загрижувачки, а критериумот по кој се водела комисијата нетранспарентен и недостапен за нив.
-Се информиравме, ги знаеме условите за вработување кои важат на конкурсот за вработување, како и степенот на едукација кој го поседуваат некои од кандидатите кои беа одбиени. Нешто не се совпаѓа! Одговори од директорката не добиваме. Решени сме да одиме докрај и да го добиеме образованието кое ни беше ветено на почетокот. За таа цел (дел од учениците) ја бојкотираме наставата веќе втор ден, а би сакале да зборуваме јавно, како и ние, така и некои од кандидатите кои се без објаснување зошто беа одбиени, реагираат учениците.
Според сознанијата, вчера не бојкотирале само учениците во правата година, додека оние од постарите години негодувале. Математичко-информатичката гиманзија е формирана пред три години со цел да биде врв на стручното образување на талентите од Македонија по математика, физика…