Украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба нема да учествува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, објави украинското Министерство за надворешни работи. Официјалноот објаснување е дека присуството на руската делегација на средбата на министерско ниво за првпат од почетокот на руската целосна инвазија на Украина само ќе ја продлабочи кризата во која Русија го воведе ОБСЕ.
-Денес, Руската Федерација ја присилува и поткопува ОБСЕ преку злоупотреба на владеењето на консензус. Со прибегнување кон уцени и отворени закани, Руската Федерација систематски го блокираше консензусот за клучните прашања. Блокирањето на кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година стана уште еден пример за злоупотреба на Русија. Понатаму, Русија незаконски приведе тројца украински претставници на ОБСЕ кои се во притвор повеќе од 500 дена. Русија создаде егзистенцијална криза во рамките на ОБСЕ и ја претвори Организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија, пишува во соопштението од украинското МНР.
Истовремено, оттаму се осврнуваат на нивните напори „како да се спаси ОБСЕ од Русија“.
-Нашите заеднички напори треба да ги насочиме кон тоа како да го спасиме ОБСЕ од Русија, а не да испраќаме пораки за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја пред февруари 2022 година на државата која ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите принципи на завршниот акт на Хелсинки, додаваат од Министерството.
Се додава дека Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ.
-Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ и е подготвена да продолжи да работи со партнерите за враќање на почитувањето на завршниот акт од Хелсинки, особено преку имплементацијата на Формулата за мир на претседателот на Украина Володимир Зеленски, велат оттаму.
Во соопштението од Киев се додава дека ги ценат напорите на Македонија како претседавач во 2023 година, како и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој, како што се наведува, „покажа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ“. Исто така се изразува благодарност за „Северна Македонија за приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина во текот на нејзиното претседавање“.