Украинскиот спикер ја поправа пратеничката Снежана Калеска-Ванчева: Моето име е Руслан Стефанчук, не сум ниту Олександар Турчинов ниту Володимир Зеленски

Големи грешки во објавата на нејзиниот профил на Фејсбук вчера сторила пратеничката на СДСМ Снежана Калеска – Ванчева со погрешно наведување на името и на функцијата на актуелниот претседател на украинскиот парламент Руслан Стефанчук. Во објавата под заедничката фотографија по средбата со претседателот на Врховната рада Стефанчук, до која дошло во рамките на студиската посета на шведскиот парламент Ригсдаг, Калеска-Ванчева напишала дека тоа е „спикерот“ на украинската Врховна рада Олександар Турчинов. Но, грешките не завршиле тука. Таа истовремено го „прогласи“ за „привремен претседател на Украина“.

-Средба со Олександар Турчинов, спикер на Врховната рада, кој воедно ја извршува привремено и функцијата Претседател на Украина, во рамки на студиската посета за демократски развој на шведскиот Ригсдаг, објави пратеничката Калеска-Ванчева.

По ова, под нејзината објава самиот Стефанчук се јави со коментар да објасни дека тој не се вика Олександар Турчинов и не ја извршува привремено функцијата претседател на Украина.

-Драга Снежана, драго ми е што се запознавме, но моето име е Руслан Стефанчук, јас сум спикер на украинскиот парламент, а претседател на Украина е Володимир Зеленски, ѝ напиша Стефанчук на пратеничката од Македонија.

Олександар Турчинов е украински политичар, писател и свештеник, кој беше на функцијата претседател на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина до 2019 година, кој навистина бил спикер на украинскиот парламент и привремено ја вршел функцијата претседател на Украина во време на бурните настани од 2014 година и симнувањето на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.

Руслан Стефанчук е на чело на Врховната рада од 2021 година.

 

 

Претходна вестСе судрија три возила во Битола, возачот на едното се здобил со тешки телесни повреди
Следна вестВо автобус на на ЈСП приведен малолетник, кај него пронајден нож