Договорите на дело за медицинските сестри, за кои подолго време во здравствените институциите беше ветувано дека ќе бидат трансформирани во редовен работен однос, не се случија, предупредија денеска од Унијата на Здруженијата на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри.
Се додава дека во меѓувреме некои добија продолжување на недостоинствените договори, а на други во текот на вчерашниот ден им беше соопштено повеќе да не доаѓаат на работа бидејќи не им се продолжени.
-По ова известување, медицинските сестри биле повикани повторно да се вратат во институциите поради неможноста за организирање на работата, со ветување дека недостоинствените договорите ќе им бидат продолжени, се наведува во соопштението.
Во ваков статус на договор на дело сестрите се ангажирани на три начини: преку агенции, преку проекти и преку интерни правилници на здравствените институции.
-По сите овие начини, нам сè уште не ни е познато по кои критериуми тие не добиваат ист финаниски надоместок. До нашата Унија пристигнаа поразителни информации дека конкретно во Кичево пет медицински сестри, веќе три месеци работат без продолжен договор и без финансиски надоместок. Мора да се пристапи кон решавање на статусот на сестрите во редовен работен однос и повеќе да не постои никакво отстапување бидејќи сето ова е за доброто на сите нас. Унијата во секое време може да понудии соодветни решенија за надминувања на проблемите, изјави сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС.