Во среда, на 22 мај, Скопје ќе биде домаќин на уникатен музички настан насловен „Мајска Сесија“ кој ќе се одржи на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 20:00 часот. Во организација на Јуроп хаус, по повод Денот на Европа, овој настан ќе го претвори просторот во музичка временска машина, каде старите познати македонски хитови ќе добијат ново руво преку изведбите на младите музички таленти.
Песните ќе бидат изведени од неколку од највозбудливите млади таленти на македонската музичка сцена, како Фанк Шуи, Пијан Славеј и Дина Јашари, заедно со Сетхстат феат. Марија Каева и Ретро Кабаре. За дополнителна забава ќе се погрижат ДЈ Гоце & ЛД Пистолеро, кои како и секогаш ќе се погрижат забавата да добие уште повисок интензитет. Секој изведувач ќе понуди интерпретација во свој стил на дел од најпознатите македонски мелодии, обединувајќи ја традицијата и современоста во едно.
Целиот настан ќе биде водена од легендарниот радио водител Драган Б. Костиќ, кој ќе ги најавува преработките на хитовите од популарните Бастион, Леб и Сол, Маја Оџаклиевска, Балкан Експрес, Драган Каранфиловски Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други. Покрај музиката, настанот ќе нуди и книжевен саем, винил поп-ап продавница и избор на гастрономски уживања, кои ќе ги задоволат различните вкусови на посетителите. Овие активности ќе започнат во 18 часот.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со култура, уметност и одлична забава.
-Сите оние кои сакаат да го доживеат овој несекојдневен музички настан и да бидат дел од едно незаборавно културно искуство, ова е прилика која не се пропушта. Дојдете да се преслушаме и да уживаме во пулсот на минатото вкрстен со креативноста на младината, и тоа во срцето на Скопје, изјавуваат од Јуроп хаус.