Илјадници завршени деветооделенци во Македонија денеска ќе поднесуваат документи за упис во средните училишта во рамките на првиот уписен рок. Пријавувањето ќе биде денеска, утре и во четврток (16, 17 и 18 јуни) во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само денеска и утре.
Уписот ќе биде организиран и спроведен согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.
–Користењето на заштитна опрема како маски и ракавици, оддржувањето на 2 метри физичка дистанца и целосно почитување на насоките од присутните редари е задолжително за секој посетител, соопшти вчера Град Скопје.
Училиштата се обврзани да обезбедат редари и е ограничен бројот на ученици кои во исто време ќе влезат во училиштето за да поднесат документи. Не е дозволена придружба од родител/старател, освен од оправдани причини. Училиштата имаа обврска во рамки на утврдениот период (од 7 до 19 часот за сите три дена, односно од 7 до 13 часот на 19 јуни), да определат интерен временски период за прием на документите, да подготват распореди за прием на документите според азбучен ред од презимето на ученикот и нив требаше до петокот да ги објават на јавно место во училиштето.
Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот. И во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците е денеска и утре, а на 18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи. И во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците е денеска и утре, а на 18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.
Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни. Третото пријавување и запишување ќе се врши на 29 јуни, а резултатите и слободните места ќе се објават наредниот ден – на 30 јуни.
Досегашните искуства покажуваат дека скопските гимназии се посебно атрактивни за упис и во нив најчесто се пријавуваат поголем број на кандидати од предвидениот. Наспроти ова, помал е интересот за средните стручни училишта, но за некои од нив сепак постои интересот кај идните средношколци бидејќи тие професии обезбедуваат брзо вработување. Какво ќе биде трендот годинава ќе се види веќе по овој уписен рок.
Во сите училишта во кои ќе се пријават повеќе ученици со ист број на поени ќе се организира тестирање. Приемни испити ќе има во сите средни училишта во Македонија каде ќе се пријават повеќе ученици со просек 5.00 од предвидениот број за упис во прва година. Бирото за развој на образованието веќе ги има подготвено тестовите а квалификациско тесторање ќе се одржи на 22 јуни.
Во скопската гимназија „Орце Николов“ и во средните медицински училишта во Скопје и во Битола (насока медицински сестри) лани се пријавија повеќе одлични ученици од вкупниот предвиден број за упис во прва година. Заради тоа училиштата донесоа одлука да се полагаат квалификациски испити (според пропозициите во конкурсите), но по притисокот на родителите МОН одлучи да се примат сите со просек 5.00.
По објавување на ранг-листите, учениците кои не се запишани во училиштето ќе треба да ја подигнат целокупната доставена документација во рок од 48 часа. Училиштата имаат обврска да им ја вратат документација на учениците во истиот рок – 48 часа.