Урошевиќ: Македонскиот јазик е јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него

Македонскиот јазик е јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него. На планот на книжевните идеи имаме што да му покажеме на светот, рече академик Влада Урошевиќ, кому синоќа свечено му беше врачена наградата „Роман на годината“ за „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е седмиот роман на Урошевиќ.

Свеченото врачување на наградата што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ се одржа по 24 пат.

Писателот на наградениот роман, Урошевиќ изрази благодарност и истакна дека во писателот Славко Јаневски отсекогаш пронаоѓал голема инспирација и дека на него гледа со вооддушевеност. Изрази задоволство што за наградата се пријавиле голем број на романи.

Можеме да констатираме дека имаме една литература во која објавувањето на нов роман станува секојдневна нормална појава и годинава за оваа награда се пријавија голем број на романи. Такво нешто никој од нас во тоа време не можеше да си го претпостави. Тоа што никој не можеше да го замисли се оствари, мене ми е мило што бев сведок на ова добро патување. Изминавме еден долг пат и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме и понатаму, рече академик Урошевиќ на доделувањето на наградата.

Жирито беше во состав на Симона Јовановска, Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски и Катерина Богоева. Во конкуренција за оваа престижна награда, која се доделува по 24. пат, годинава беа триесет и пет романи, од кои во финалето влегоа и романите: „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) .

Претходна вестКонцерт на Сара Вујошевиќ Јовановиќ
Следна вестУтре и во сабота посебен сообраќаен режим кон гробиштата во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров