Преку различни транспортни канали, уште десет македонски државјани го напуштија Израел, и тоа: четири со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул, соопшти МНР.
Заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе два дена надмина 30 наши државјани што го напуштија Израел.
Македонската амбасада во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни активно работат на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош во напуштањето на Израел, и кои во најголем дел се наоѓаат на безбедни локации.
Еден дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција. Дел од нив се наоѓа во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет.
Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 наши државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран и редовно се одржува комуникација со нив, се до нивно враќање во Македонија.
-Министерството за надворешни работи изготви информација за состојбите во Израел, со проекција за наредните денови, која е доставена до Владата која одлучува за наредните чекори, додаваат од МНР.