Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека започнала со проценка на вакцината CVnCoV против ковид-19 на германската компанија „Кјур вак“.
Компанијата моментно врши испитувања врз луѓе, за да се увиди безбедноста, имунолошкиот одговор и ефикасноста против корона вирусот.
Вакцината на „Кјур вак“ делува така што содржи РНК – молекула која се внесува во организмот за да обезбеди информации за производство на протеин кој го користи корона вирусот за да влезе во клетката, а имунолошкиот систем го препознава овој протеин како надворешен и произведува антитела и ги активира Т-клетките против него.
Ако некое лице подоцна дојде во контакт со корона вирусот, неговиот имунолошки систем ќе го препознае протеинот и ќе биде подготвен да го одбрани телото од вирусот.
Европската комисија минатата година одобри договор со компанијата „Кjур вак“ кој предвидува првично купување на 225 милиони дози на вакцината, со можност за испорака на дополнителни 180 милиони дози откако таа ќе се покаже безбедна и ефикасна.