Уште една затворска казна за Јанакиески – три ипол години за „Сончев град“

Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески е осуден на 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, каде што од Обвинителството беше гонет за злоупотреба на службената положба и овластување.

Димитар Димовски, кој бил член на комисија која спроведувала јавно наддавање за „Сончев град“, а беше и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доби условна осуда односно казна затвор од две години ако го повтори делото.

Од другите членови на комисијата, Томче Ѓурчилов доби казна затвор од три години. Веса Томчевска е осудена на условна казна, а ќе издржува две години затвор ако во следните пет години направи ново кривично дело, Димитар Ѓаќев доби условна осуда а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело и Марица Тасева е осудена на условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело.

Според обвинението на Бурим Рустеми, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Обвинителот тврдеше дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението, Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот буџет за 64.206.839 денари, односно за милион и 44.000 евра кои се исплатиле за камати.Jana

За овој предмет имаше низа контроверзии. Адвокатот Еленко Миланов тврдеше дека вработена во Министерството за транспорт и врски, Анета Јорданова, по налог на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, обвинителот Бурим Рустеми и раководител во Државното правобранителство, ре-изработила документ за побарување на евентуална направена штета во предметот „Топлик“. Тој тврдеше дека вработената Јорданова во 2018 година посочила дека нема штета поврзана со договорите за „Сончев град“, по што, според нејзиното сведочење, била повикана кај Рашковски, а каде бил и Рустеми и било посочено да го коригира документот или таа ќе трпи последици. Иако постојат два документа, ниту во вториот нема стриктно наведено дека постои штета, посочуваше Миланов. Инаку, обвинителот Рустеми не би можел да подигне обвинение за предметот „Топлик“, ако не постои штета која е нанесена врз Министерството за транспорт и врски.

За вештачењето во предметот изработено од Борис Тунџев, кој е владин директор и донатор на СДСМ, Антикорупциската комисија кажа дека има конфликт на интереси. Но и покрај тоа, беше прифатено од судијата Осман Шабани.

 

Претходна вестНовковска: На никој не му е чудно што по обработката пораснал бројот на домаќинствата за повеќе од 30.000! 
Следна вестВо кафеаните во март било поскапо од февруари за 3 отсто, од лани за 7 отсто