Уште тоа и фалеше на Токсикологија, поплава од пукнато парно

Изминатата ноќ пукнало парното на Клиниката за токсикологија на Клинички центар и вода избивала од радијатор час и половина, после што поплавени биле простории на третиот кат. Во веста што денеска ја објавува „Слободен печат“ се наведува дека водата се слевала и надолу, се до подрумот.

-Според нашите информации, пукнал радијатор на третиот кат во лекарската соба после што водата течела надолу и стигнала до подрумските простории. Поплавени биле неколку лекарски канцеларии, како и канцеларија за сметководство а хигиеничарките работеле со часови и собирале вода цело утро, се наведува во објавата.

Токму на ваква хаварија предупредија вработени од Клиниката за токсикологија пред неколку дена, кога преку писмо упатено до медиумите алармираа дека Клиниката за токсикологија не е осигурана. Медицинскиот директор доктор Данил Петровски, според наши информации потпишал клиниката да се осигура, ама економската директорка Бесија Иљази не го дала својот врзан потпис за одлуката и така Клиниката не е осигурана.

-Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д директорката не сака да потпише, затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани, стоеше во реакцијата на вработените на Токсикологија.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат неодамна утврди дека во оваа здравствена установа 11 невработени лица пружале здравствени услуги. До контролата дојде откако група вработени деновиве јавно укажаа за проблемите што се случуваат во клиниката. Според нив  секојдневно се случувало хаос кој што не бил виден досега.

 

Претходна вестТешка сообраќајна несреќа: Загина 20-годишник од прилепско
Следна вестАпасиев не паѓа во духот, кажа наравоучение…