Пописот во Македонија е во завршна фаза. Денеска е 23-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот остануваат уште три дена пописни активности.
Во Македонија се попишани вкупно 1.619.857 лица, додека пак можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 197 033 граѓани од дијаспората.
За надлежните пописот тече според планот. Тие ги повикуваат граѓаните да ја исполнат својата граѓанска и законска должност и да се попишат. Апел упати и премиерот Зоран Заев, кој вчера заедно со семејството беше попишан во својот дом во Струмица.
–За оваа операција да биде целосно успешна останува и понатаму апелот да ги пречекате попишувачите и низ едноставна постапка и за многу кратко време секој граѓанин да го даде својот придонес и со тоа да имаме успешен попис како гаранција за сигурна и предвидлива иднина за сите нас, апелира Заев.
Сепак целото време на течење на пописот, многу граѓани на социјалните мрежи искажуваа дека нема гаранции дека пописот ќе биде точен.
-Партии на етнички Албанци, Турци, Роми… самите си кажуваа колку мора да се нивните сонародници застапени во проценти во Македонија. Поради тоа стравувам дека бројките ќе се штелуваат, е едно од многуте слични реагирања на Фејсбук.
Освен тоа има граѓани кои не се попишуваат послушувајќи го апелот на лидерот на „Левица“.
Останува да се види што институциите ќе направат околу пописот на населението, за да тој навистина помине во најдобар ред и да биде прифатен од што е можно поголем број жители на Македонија.