Четириесетгодишен кавадарчанец е лице на кое вчера успешно беше трансплантиран вторито бубрег од починатиот донор 20-годишната Верица Белчовска чие семејство се реши да ги донира органите. Претходно, успешно беше извршена трансплантацијата на срце на 22 – годишно момче и на првиот бубрег на 27-годишен пациент.
Директорот на Клиниката на урологија Сашо Дохчев изјави дека бубрегот трансплантиран кај 40-годишниот пациент бил помал со три артерии, што е реткост но, како што кажа, направиле се што е потребно и добро е тоа што бубрезите профункционирале.
– Анастомозите на артериите на бубрезите со три артерии се практично неможни за трансплантација. Но се потрудивме, успеавме и тоа да го направиме со тешки маки, меѓутоа успеавме. Веќе бубрезите промокрија за време на операцијата што е некој знак дека и во иднина ќе биде добро со диурезата, рече д-р Дохчев.
Од утре се очекува на Клиника за ортопедија да бидат трансплантирани и коски и делови од меки ткива кај пациенти со ортопедски болести. Вчера, за првпат во историјата на македонското здравство на Клиниката за ортопедски болести е направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор.
-Веќе е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег, отстранет пред 12 години. Секојдневно се зголемува листата на реципиенти кои страдаат од коскен или мекоткивен дефект настанати како последица од тумор, траума, вродена аномалија и слично. Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други личност, а на некои од нив и да го спасат, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Тој се заблагодари на семејството Белчовски за нивната храброст и хумана одлука, како и на докторите Сашко Јовев и Жан Митрев за трансплантацијата н срце, на Сашо Дохчев и Ставридис за бубрезите, како и на сите оние кои работеле во позадина: рентгенолози, анестезиолози, нефролози, трансфузиолози…
Сочувство до семејството на донорот вчера изрази таткото на 22-годишното момче Иле Стрезовски, на кое во раните утрински часови му беше трансплантираното срцето од 20-годишната Белчовска.
– Мојот син успеа преку нејзините родители да добие срце. На мојот син му го продолжи животот. Тој боледуваше од јануари од слабо срце. Разговаравме со синот добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот тим на Кардиохирургија на чело со доктор Сашко Јовев и голема благодарност до министерот Венко Филипче, изјави Стрезовски.
Лидерот на тимот за трансплантација професорот Сашко Јовев рече дека на младиот Иле неопходно му било ново срце.
-Неговото болно срце пумпаше само со 10 проценти капацитет и единствена шанса за спас на неговиот живот беше трансплантација, изјави проф.д-р Сашко Јовев, директор на Клиниката за државна кардиохирургија.
Националниот координатор за трансплантација доктор Маја Мојсова-Мијовска верува дека земјава е на добар пат да направи етаблирана програма.
– Верувајте тешко е, не можам да кажам дека се уште имаме систем, но сме на добар пат да направиме систем и тоа мене многу ме радува како успех и како моја визија за трансплантацијата во земјава, изјави Мојсова-Мијовска