Уставниот суд не донесе одлука за изборот на Талат Џафери за собраниски претседател, ќе решава кога ќе биде во полн состав

Без да се донесе одлука заврши денешното разгледување на три иницијативи со кои се оспорува изборот на Талат Џафери за претседател на македонското Собрание во 2017 година. Уставниот суд на својата Фејсбук страница соопшти дека не е донесена одлука за предметот У.бр.47/2017 со кој беше оспорена Одлуката за избор на претседател на Собранието од 2 мај 2017-та година(„Службен весник на РМ” бр.53/2017) донесена од Собранието.

-Одлуката не е донесена поради недоволно мнозинство на гласови и за овој предмет ќе се одлучува на некоја од наредните седници кога Судот ќе биде во полн состав, се наведува во информацијата.

Во соопштението се наведува дека претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го доби овој предмет како готов реферат на 22 февруари 2022 година, или една недела пред денешната седница и веднаш го стави на седница, како што е праксата за сите останати предмети.

-За појаснување, овој предмет е оформен уште во 2017-та година со спојување на три иницијативи и на 07 јуни 2017-та година, советник на Судот кому му бил доделен предметот го изготвил рефератот и го предал на тогашниот судијата-известител. Од објективни причини на почетокот на годината предметот е прераспределен кај нов судија, кој за две недели го проучил рефератот и го предал на Претседателката на Уставниот суд како подготвен за одлучување.  Всушност, од јуни 2017-та година се до 22 февруари оваа година, тој предмет не бил предаден кај претседател на Суд за да се стави на дневен ред за одлучување., информира Уставниот суд.

Во овој контекст, Уставниот суд ги информира граѓаните дека се води сметка за должината на предметите и по насока на претседателката Кацарска на сите советници и судии им е укажано приоритет да даваат на постари предмети и да внимаваат на времетраењето на постапката, а дополнително уште пред повеќе од четири месеци е побарано од советниците на Судот да достават информација за сите нерешени предмети, а на судиите им е укажано да реагираат кај советниците на Судот за да ги изготвуваат рефератите во најкраток рок. Токму по овие укажувања од страна на претседателката на Судот веќе е одлучено по неколку стари предмети изминатиот период.

Иницијативата за оценка на уставноста на првиот избор на Талат Џафери е поднесена на од страна на  Тодор Петров, претседател на Светски македонски конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе. Во една од иницијативите е наведено дека оспорената одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на конститутивната седница на Собранието, чие продолжение се одржа на 27 април 2017 година.

-Оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот од претходниот состав, кој ја свикува конститутивната седница не подоцна од 20 дена по одржаните избори (на 11 декември 2016 година). Оспорената одлука за избор на претседател на Собранието, фактички, била донесена по затворање на седницата на 27 април 2017 година, од неопределен број пратеници и со тоа биле сторени повеќе кривични дела, се наведува во иницијативата.

Оспорено е и тоа што одлуката била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница.

За да биде донесена одлука исто треба да гласаат сите пет судии со колку што сега работи Уставниот суд. Се чека изборот на уште четворица судии но постапката е парализирана во Собранието.

Претходна вестСемејството со бебето наскоро заминува од Украина, за другите наши граѓани се прават коридори за извлекување
Следна вестНеколку улици околу Бит Пазар утре без вода