Указот за прогласување на Преспанскиот договор и Законот за јазици нема да се стават на седница сè додека не се изберат сите девет судии, изјави денеска Добрила Кацарска, претседателка на Судот. На прес-конференцијата по работниот состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски, таа кажа дека доколку до крајот на годината не се изберат нови судии ќе се влезе во уставна криза бидејќи Уставниот суд не може да функционира со четири судии. Повеќе од шест месеци Уставниот суд е со четири судии помалку од предвидениот број од девет судии.
– Несериозно е за предмети со ваква тежина да гласаат само петмина судии. Со ваква ситуација Судот се соочува за првпат и со секој поминат ден граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат, а Судот не може да одлучува, рече Кацарска.
Таа објасни дека во евентуална несакана ситуација да треба да се констатира престанок на функција на претседателот на државата или да се одземе имунитет или да треба да се избере нов претседател на Уставниот суд тоа ќе биде невозможно бидејќи во Уставниот суд се потребни шест судии, а моментално има само петмина.
Кацарска потенцира дека поради ваквата состојба заостануваат и многу други предмети како законот за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци, одлуки со кои се оспоруваат детални урбанистички планови итн.
Во Собранието со месеци не може да се утврдат предлозите за уставни судии, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, чиј филтер треба да го поминат кандидатите за уставни судии, неколку месеци беше и без претседател. На 16 март годинава за претседателка на Комисијата беше избрана пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ, која соопшти дека штом ќе се утврдат предлозите за судии ќе биде закажано продолжение на седницата.