Уставните судии го укинаа мораториумот за градење во Центар

Во скопската општина Центар повторно ќе може да се гради врз основа на стари урбанистички планови откако Уставниот суд вчера го укина мораториумот кој беше воведен во 2017 година. Тогаш, со одлука на општинскиот Совет по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ се воведе забрана за градба со која беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Во изминативе три години општинските власти успeале да ги ревидираат само осум од вкупно 31 ДУП. Сега со оваа одлука, ќе може да сe гради врз основа на ДУП-овите кои тогаш беа на сила, но беа ставени во мораториум.

Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови донесена од Советот на Општина Центар на 27.03.2019 година и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука, се вели во соопштението објавено на веб страната на Уставен суд.

Вo март минатата година Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваа дозволи за градба.

Претходна вестСончево со температури до 18 степени
Следна вестАпасиев: Патните трошоци за пратениците да се изедначат со автобускиот билет