Денеска продолжи седницата за избор на нов претседател на Уставниот суд, се гласаше два пати за различни кандидати, при што ниту еден од нив не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови. Во моментот се вршат консултации помеѓу судиите за продолжението на оваа седница, соопшти денеска портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска. Според неа, досега се одржале осум круга гласања.
-Со оглед дека се уште не е избран нов претседател, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето да се одлучува колективно. Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година, вчера, по што од денеска продолжи да ја извршува функцијата судија на Уставен суд, изјави Беловска.
На прашањето која е причината за поделеноста на гласовите, таа рече дека судиите гласаат по сопствено убедување.
Околу тоа како ќе функционира Судот во следниот период и дали ќе се рефлектира неизборот на претседател врз работењето, таа рече дека работата околу предметите се одвива непречено, се примаат нови и постојните тековно се работат. Таа потврди дека досега се гласаше за судиите Ана Павловска Данева, Татјана Васиќ- Бозаџиева и Осман Кадриу, посочувајќи дека Павловска-Данева се повлекла бидејќи не сакала нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза.
И покрај тоа, на гласањето противкандидатката Татјана Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во коишто беше предложена како кандидат доби 5(пет) гласа. Исто така, судијата Осман Кадриу го добил истиот број на гласови, односно 5(пет) во осмиот круг гласање во којшто беше предложен.