Уставните судии одлучија: Недела останува неработен ден, неосновани се наводите на Стопанска комора

Недела и натаму останува неработен ден откако уставните судии денеска не поведоа постапка по иницијативата доставена од Стопанска комора на Македонија.

-За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора која бараше да се запре спроведувањето на законот. Оваа одлука е конечна и секој мора да ја почитува, кажа портпаролката Христина Беловска по седницата.

Тоа, како што појасни таа, значи дека во правниот поредок останува Законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела, освен во дејностите кои се исклучоци, а секако се предвидени со сегашното законско решение.

За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора на Македонија која е подносител на оваа иницијатива и која бараше да се запре извршувањето на овој Закон.

Иницијативата беше поднесена од Стопанската комора на Македонија која смета дека оспорениот закон кој се однесува на уредување на работата во недела е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Во иницијативата се наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи го уредува користењето на неделен одмор преку воведување на забрана за работа во недела и притоа таксативно ги набројува исклучоците на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи во друг ден во неделата и се укажува дека ова законско решение не е во полза ниту на економските субјекти, ниту на работниците и директно задирало во темелните вредности на уставниот поредок на државата.

Според подносителот, со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела имале еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата, кои се утврдени со закон, но биле ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка.

Претходна вестКосовец ја застрелал својата сопруга и нероденото бебе
Следна вестНова дојава за бомба, се евакуираат учениците од гимназијата „Корчагин“