Најавеното прво издание на Скопскиот поетски фестивал почнува утре и ќе трае до 3ти септември. Станува збор за интернационален фестивал, на кој ќе учествуваат главно македонски поети, но и неколкумина од странство – во живо и преку видеопроекции.
Почнува во 19 часот во МКЦ, а во склоп на првиот ден ќе има и изложба отворена за сите посетители, сочинета од делата на 16 ликовни уметници и графички дизајнери директно инспирирани од конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.
На втори септември, исто така со почеток од 19 часот, ќе бидат преставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска. Освен читањето, ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови.
Последниот ден е резервиран за креативно пишување, преку „Зум“ платформата, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и Институтот за македонска култура. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд.