Вакцините за грип пристигнуваат следната недела, ќе чинат 150 денари поскапо од лани

Вакцините против сезонски грип се очекува идната недела да пристигнат во Македонија, информираа денеска од Министерството за здравство. Според соопштението, вкупно се набавени 40.000 дози на четиритипни вакцини производ од француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Центарот за јавно здравје Скопје ќе набави 4 000 вакцини, а цената на една вакцина ќе чини 800 денари. Тоа е за 150 денари повеќе отколку што вакцините чинеа лани. Од Министерството објаснија дека е поскапена набавната цена.

Согласно препораките на Комитетот за имунизација, временската рамка за вакцинација е почетокот на ноември, а закажувањето на термините ќе почне веднаш по пристигнувањето на вакцините. Измунизацијата ќе биде со упатување од матичен лекар преку системот „МојТермин“ и тоа во период од 14 до 19 часот. Комерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат центрите за јавно здравје, каде и ќе се врши вакцинирањето, соопшти Министерството.

Имунизацијата против грип во Здравствениот дом – Скопје ќе се одвива во поликлиниките Ѓорче Петров,  Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и Јане Сандански.

Претходна вестСончево со мала облачност и умерен ветер
Следна вестАеродром стаса до 710 активни случаи од вирусот, Центар и Карпош одат кон 600…