Познатата универзитетска професорка, Билјана Ванковска, денеска беше промовирана за кандидатка за претседателка на Македонија од редовите на „Левица“. Таа истакна дека се чувствува како дел од тимот, иако не е член на партијата.
-Пред 10 години јас се обидов како независен кандидат да влезам во оваа постапка, без никаква организациска и финансиска поддршка, и тоа беше за мене едно многу позитивно време. Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш многу нешта се променија и овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката, посочи професорката.
Таа посочи дека во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект.
-Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност, порача Ванковска, додавајќи дека има чувство дека ќе се најде сама против сите.
Ванковска зборуваше и за потребното отворање кон светот.
-Ние не знаеме што е наш национален интерес. Елитите некако наивно го убедуваат и пасивизираат народот на начин само ние да дојдеме до прво беше НАТО, а сега да почнеме преговори со ЕУ и се ќе биде добро. Додека ние стасавме до НАТО и додека почнеме преговори со Брисел работите се менуваат. Ниту НАТО е тоа НАТО, ниту ЕУ е таа за која се надевавме. Еден од принципите ќе ни биде и отворање кон светот, кон сите четири страни на светот во наш национален интерес и тоа првенствено економски, рече таа.
Професорката истакна дека сите досегашни претседатели биле премногу послушни во однос на Владата.
-Премногу молчаливи, премногу послушни дури не се мешаа ниту во своите ингеренции. Преспанскиот договор знаете како го потпиша ненадлежно лице спротивно на Уставот. Претседателот Иванов да, во последните денови од мандатот направи некој симболичен чекор, но требаше да го прави тоа многу порано, многу порешително, да го превенира, истакна Ванковска.
Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, истакна дека тие го имаат најдобриот кандидат. Како што рече Апасиев на денешната промоција на кандидатот, Ванковска во внатрепартиските анкети, каде што имало повеќе имиња, го имала најдобриот скор.