Срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател, истакна кандидатката за претседател од партијата „Левица“, Билјана Ванковска, при вчерашнта посета на Кочани и средбите со граѓаните
Таа потенцира дека без директно соочување на противкандидатите сите ќе бидат посрамени.
-Јас се чувствувам како да ме изеде туѓиот срам, а овде првенствено мислам на кандидати кои се доктори на науки, кои се професори, кои меѓусебно се провоцираат и се повикуваат еден на еден на специјални дебати, притоа игнорирајќи ги сите останати. Сите седуммина заслужуваме еднаков третман, еднаква можност пред медиумите, да го кажеме тоа што го имаме во програмите, кратко и во формат што е стандард и за западните земји и за сите демократии. Постојано кажувам и апелирам дека ние сме им должни на граѓаните, затоа што ни дале по 10 илјади потписи и многу повеќе. Очекуваат да нè видат сите, еден спроти друг, со аргументи, со тези, а потоа да ја донесат одлуката за кого ќе гласаат, согласно со сето она што сме го правеле, истакна Ванковска.
Во врска навредите, личните дисквалификации и острите зборови што можат да се слушнат во кампањата, таа нагласи дека не се осврнува на таквото ниво на комуникација, туку се обидува да води позитивна кампања.
-Јас немам машинерија зад мене, нашата кампања е скромна и нашата машинерија е народот, тоа ми го кажуваат обични луѓе. Штом можам без обезбедување, слободно да се прошетам во градовите низ државата, тоа ми е најважно, а другите нека се препукуваат и на секој митинг, како стрини преку плот, си кажуваат неубави работи. Мене и таквите како мене, ме игнорираат, но и јас се однесувам така, освен што ги предизвикувам и им фрлам ракавица, да повелат јавно, МТВ ни ги отвори студијата за да се соочиме до крајот на кампањата, додаде Ванковска