Уште незапочната кампања за претседателските избори, а веќе има негодувања околу организирањето на истите. Ова денес го обзнани кандидатот на „Левица“, Билјана Ванковска. Таа укажа на недоследности во собирањето на потписи и побара сите кандидати да имаат еднаква можаност за презентирање.
-Некои големи општини од Скопје (Аеродром, Ѓорче) но и од други места, немаат канцеларии на ДИК, па граѓаните имаат проблем да се снајдат, напиша Ванковска на Фејсбук.
Околу ова, професорката, имаше денеска и прес-конференција каде рече дека вчера апелирале до Државната изборна комисија (ДИК) дека во неколку подрачни единции, во разни локални средини, пристапот до канцелариите е отежнат особено за лица со инвалидитет и повозрасни. Според Ванковска, вакви проблеми имало во Штип, но и во Општина Карпош и најави дека имаат подготвено барање кое веднаш ќе го достават до ДИК.
– Во Општината Карпош каде по еден така нагорен пат по едни скалички треба да се искачат граѓаните, прво тешко е да се најде локацијата, но кога ќе се најде има скали кои се тешки за граѓаните кои имаат проблем, добив информација дека токму во Карпош во подрачната единица снемало струја и сега ние треба да веруваме дека тоа е случајно, рече Ванковска.
Таа, исто така, рече дека од утрово не работела и нејзината официјална веб-страница и укажа на поставување на сопки за кои вели дека се непринципиелни.
– Нашата извонредна веб – страница располага со сите податоци, интерактивна е, но таа од утрово не работи. Едната верзија би била дека има многу интерес за Ванковска, па сите кликаат, камо среќа да е така, но другата верзија вели дека ботови веќе почнале намерно да кликаат за да ја оневозможат. Ние сме решени да одиме и по потешкиот пат, тука сметаме на вашата помош во смисла на пренесување на овие сопки кои сметаме дека се непринципиелни затоа што ние се уште не сме никаква закана, а ако некој веќе ме чувствува како закана треба да се запраша јавноста зошто е тоа така, додаде таа.
Ванковска рече и дека Државната изборна комисија немала слух за потребите на помалите политички субјекти.
– Се соочуваме со непринципиелни сопки, апелираме и укажуваме ако треба и порешително ќе настапиме пред јавноста кога ќе забележиме дека постои нешто што се вика саботирање на процесот пред вистински да започне. Накусо, подготвени сме да се соочуваме со мал милион проблеми и за таа цел и како пркос ние очекуваме граѓаните навистина да покажат авантуристички политички дух да ни дадат еднаква можност да се презентираме себе си со нашите програми, знаења и визии, затоа што играме во една трка која нема да биде чиста и не е чиста од првиот ден, рече Ванковска.
Од денеска до 8 март тече рокот за собирање на за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.