Ванковска: Се залагаме за еднаков третман на сите специјализанти

Професорката и кандидат за претседател на Македонија, Билјана Ванковска, денеска преку Фејсбук испрати поддршка за приватните специјализанти кои и се обратиле за да побараат јавна поддршка и заложба за трајно решение на нивниот проблем.

Ванковска потенцира дека третманот што го добиваат младите лекари од државата е однос на неблагодарност и негрижа, а за една исклучително макотрпна и благородна професија.

-Поделбата на „јавно“ и „приватно“ веднаш им се наметнува, па така и поделбата на оние кои се државни специјализанти и тие кои мораат да се самофинансираат за да станат специјалисти (и плус да потрошат уште неколку години од животот само за усовршување во спасување човечки животи). Велат дека и критериумите по кои се врши селекцијата на специјализантите е далеку од фер, објективна и непристрасна, т.е. заснована на успех.

Образованието и здравството се темелите на кои се гради секоја држава. А овде станува збор за спој на образование плус (специјализација) кое ќе се употреби во здравствениот систем. Оттука, проблемот за кој зборувам е двојно поважен од секоја сфера земена одделно. Јас, како и Левица, се залагаме за ЈАВНО здравство, како и јавно образование.

Како држава сме во ситуација на таков недостаток на медицински кадар што не смееме ни да помислиме на луксузот да дозволиме овие млади лекари, веќе образовани, со бистар ум и амбиција – да ни заминуваат. Да бидеме реални, нацијата старее, лошиот квалитет на живот, стресот и сиромаштијата се „жива болест“ – па здравствен кадар ни е насушно потребен. За сопствениот опстанок и достоинствен живот.

А малкумина се свесни дека младите медицинари минуваат низ своевидна тортурата која трае и преку 6 години студии, и тоа во ужасни услови, за потоа да мораат да молат за задолжителна пракса која им е потребна за специјализација!

Специјализацијата пак, особено приватната, наместо сатисфакција и мотивација, овие луѓе ги доведува во должничко ропство – специјализантите се задолжуваат со кредити кои ќе ги отплаќаат цел живот! Тоа, повторно ги става во незавидна позиција, па работат сменски, без ниту еден ден стаж, со договор на дело, без осигурување, за само 26 илјади денари!

Ова се луѓето од кои ни зависи не само здравствениот систем, туку и нацијата – а нив власта ги осудила на социјална борба од самиот почеток на кариерата! После се чудиме зошто најдобрите, најобразованите и младите се иселуваат! Па ако не ги третираме како што заслужуваат, зарем имаме право да им судиме за животниот избор што го прават?

Јас го делам ставот на Левица: ќе се залагаме за бесплатно образование од градинка – до докторски студии, за најдобрите, а не за најбогатите. Сите што имаат амбиција, желба и ум заслужуваат еднакви можности да се докажат! Се залагаме за еднаков третман на СИТЕ специјализанти, а Левица веќе презема дејствија во таа насока низ институциите.

На пример, минатата недела испратена е иницијатива за вонреден инспекциски надзор во Министерството за здравство, поради веста дека околу 200 млади лекари чекаат дома 3 месеци да бидат викнати на задолжителна пракса, напиша меѓу другото професорката.

 

Претходна вестВо Индија наскоро почнуваат најголемите избори во светот, ќе траат повеќе од еден месец
Следна вестМВР ги приведе двете лица кои извршија филмски грабеж во Куманово