Речиси една милијарда луѓе ќе можат да гласаат на општите избори во Индија, кои ќе траат речиси седум недели од 19 април, на кои премиерот Нарендра Моди ќе се обиде да освои трет последователен мандат. Изборите за Долниот дом на Парламентот со 545 места, ќе траат до 1 јуни и се очекува да учествуваат кандидати од над 2.400 политички партии. Индијците ќе гласаат за 543 места во Долниот дом на парламентот, а другите две места во домот ги номинира претседателот, пишува Би Би Си.
Ова се неколку факти за општите избори во Индија, најголемиот демократски процес во светот:
Речиси 970 милиони Индијци можат да гласаат на повеќе од еден милион избирачки места низ целата земја. Изборната комисија на Индија ќе ангажира речиси 15 милиони државни службеници, од кои многу наставници и помлад персонал, за да помогнат во одржувањето на изборите. Изборите ќе се одржат во седум фази. Се очекува на 4 јуни да се пребројат гласовите и да се објават резултатите, а до 6 јуни треба да заврши целиот изборен процес.
Националистичката партија на Моди, Бхаратија Џаната (БЈП), доминантната политичка групација, се очекува да освои повеќе од потребните 272 места потребни за мнозинство. Моди предвидува дека БЈП ќе освои 370 места, а неговиот политички сојуз Национална демократска алијанса над 400, што би било најмногу во изминатите четири децении.
Опозициската Конгресна партија, која управуваше со Индија поголемиот дел од времето од независноста во 1947 година, формираше сојуз од 28 партии наречени ИНДИА (Indian National Developmental Inclusive Allianc – Индиска национална развојна инклузивна алијанса) за заедно да се борат против БЈП. Алијансата беше поделена поради несогласувањата околу доделувањето места на заедничките кандидати.
Индија користи електронски машини за гласање, воведени во 1982 година, а на овие избори ќе се користата 5,5 милиони од овие машини. Граѓаните гласаат со притискање на копчето покрај името на кандидатот и партискиот симбол.
Според упатствата на индиската изборна комисија, избирачките места треба да бидат на растојание од два километра од секој гласач, а изборните претставници честопати мораат да патуваат со денови или да се искачуваат по ридови за да стигнат до локации во оддалечените области. Во еден случај, службениците мораат да патуваат низ џунглата во западната држава Гуџарат за да стигнат до еден гласач.