Супер-дерби во Маџари: Вардар и Шкендија ремизираа, важна победа за Македонија ЃП

Вардар испушти можност за голема победа против Шкендија во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига. На крај за реми (1-1) меѓу лутите ривали, во колото во кое и Шкупи не успеа да слави против Воска Спорт во Охрид, а победи единствено запишаа Силекс против АП Брера и Македонија ЃП против Тиквеш.

„Вардарци“ ја изненадија фаворизираната Шкендија со одлична игра повеќе од 75 минути, па водени од извонредните „Комити“ кои дадоа нескриена мотивација за фудбалерите во одличниот амбиент на „Борис Трајковски“, дојдоа до предност од 1-0 против фаворитот уште во 18. минута од средбата.

Матеус Лемос донесе предност за „црвено-црните“. По нафрлањето од корнер на Глишиќ, Лемос на втор дирек одлично со глава, со лоб удар, погоди за водство на „вардарци“.

Шкендија успеа да дојде до израмнување (1-1) во 79. минута. „Вардарци“ имаа неколку убави шанси во второто полувреме да ја зголемат и предноста на 2-0, но место тоа, по промашувањата на Лемос и Дурански и одличните интервенции на Талевски, на крај Аганспахиќ ги казни домашните кој по брз контранапад погоди за конечни 1-1.

Во Кратово, интересен меч одиграа Силекс и АП Брера, на крај со победа на домашните од 2-1. Силекс дојде до предност во 51. минута со голот на Каланоски. Но, гостите од Струмица израмнија во 68.минута преку Ивковиќ иако од сомнителна офсајд позиција. Триумфот на кратовци го донесе Игнатов со одличен погодок во 78. минута со шут од околу 15 метри.

До победа дојде и Македонија ЃП која триумфираше со 1-0 против Тиквеш во Ѓорче Петров. „Лавовите“ до трите бода дојдоа со голот од пенал на Велкоски во 37. минута од средбата.

Без голови завршија дуелите во Охрид меѓу Воска Спорт и Шкупи, и во Штип меѓу Брегалница и Гостивар.

ПРВА ЛИГА – 24. КОЛО

Кратово: СИЛЕКС – АП БРЕРА 2-1
Каланоски 51′, Игнатов 78′ – Ивковиќ 68′

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 1-1
Лемос 18′ – Аганспахиќ 79′

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ГОСТИВАР 0-0

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ТИКВЕШ 1-0
Велкоски 37′(п)

Охрид: ВОСКА СПОРТ – ШКУПИ 0-0

УТРЕ (15 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СТРУГА ТЛ

Претходна вестМинистерството за одбрана е подготвено да излезе во пресрет за лекување на украински војници, вели Петровска
Следна вестВо Индија наскоро почнуваат најголемите избори во светот, ќе траат повеќе од еден месец