„Го враќаме достоинството на нацијата“ е мотото на професорката Билјана Ванковска со кое денеска официјално ја започнува кампањата за претседател на Македонија. Таа нагласува дека продолжува нејзината битка за подобра Македонија која ја водела и како гласен активист кој зборувал особено кога другите молчеле.
Ванковска посочи дека ќе води чесна и интересна битка.
– Ќе бидам една и единствена, која ќе се разликува по она што го нуди, по начинот на кој го презентира, аргументите кои ќе ги приложам притоа и визијата за една поинаква Македонија. На крајот од оваа кампања верувам дека никој нема да има дилема за тоа за што се залагам заедно со „Левица“, истакна професорката.
Таа порачува дека е време „да се сврти нов лист со нови луѓе“ и нагласи дека гласачите имаат можност да гласаат за личности, а не за партии, укажувајќи дека сепак од седум кандидат, шестмина собрале поддршка и легитимитет од граѓаните.
– Убедена сум дека личноста ја прави функцијата, особено кога станува збор за функција што ја врши еден човек, нагласи Ванковска.
Кампањата, појаснува Ванковска, ќе биде скромна, „онака скромно каков што е скромен и нашиот народ – сиромашен, напатен, обичен…“. Но, од друга страна таа посочи дека изборната програма со која ќе настапи на изборите и со која ќе ја бара поддршката од граѓаните, нема да биде толку скромна зашто, како што кажа, доаѓа од професорка.
Со кампањата тргнуваат од Струмица, а како што е најавено ќе завршат со настан во Скопје.