Вечерва, во 20:30 часот по локално време над 8.000 града во преку 180 држави во светот ќе потонат во мрак, дел од еколошката акција „Часот на планетата Земја“.
Ова ќе биде 12-ти пат, нашата земја да биде дел од одбележувањето на најголемата светска еколошка акција.
Светлата ќе бидат изгаснати на повеќе локации во Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила „Водно“, Владата, Градскиот плоштад „Македонија“, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта „Македонија“, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловата тврдина, кејот „Македонија“ и црквите „Света Софија“, Плаошник и Канео.
„Часот на планетата Земја“ започна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, а сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.