Под слоганот, “69 години Кисела Вода, храброто срце на градот,” денеска започнува роденденската седмица на оваа скопска општина која ќе биде одбележана со најразлични случувања – од капитални инфраструктурни проекти до музички и културни манифестации.
Културното лето ќе се одвива во неколку фестивалски вечери, на 26, 27, 28 и 29 јуни на две локации – во Расадник (просторот спроти ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”) и на Три круши во Драчево.
Отворањето е закажано за вечерва на локацијата Три Круши во Драчево. Од 20 часот ќе настапи хорот на ООУ ,,К.Ј. Питу” кој освои 6 награди во Италија и луѓето кои преку песна ја заживеаа македонската традиција, ѕвездите од проектот ,,Македонијо во срце те носиме”. Предвиден е настап на повеќе естрадни уметници – Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Ламбе Алабакновски, Бојана Скендеровски и Миле Кузмановски.
На 27 јуни од 18:30 часот ќе се одржи хуманитарната коријада во паркот ,,Шопен“, а вечерта во Расадник за забавата ќе се погрижат 2 Бона и Пајак.
На истата локација во петок, 28.06. во Расадник, од 20:30 часот стартува журка на која ќе настапат Андријана Петрушовска, балканската рок ѕвезда Ѓорѓе Давид Николиќ и миленичката на младите – Бресквица.
На 29 јуни во 10 часот, во Паркот „Македонија“ (до културниот дом „билјана Беличанец“) ќе се одржи „Семеен ден“ на кој се предвидени повеќе културни и забавни содржини. Во 19 часот во паркот кај салата „Расадник“ е предвиден концерт насловен како „Суперхикс и пријателите“.