Да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, порача во Велигденското послание Поглаварот на МПЦ-ОА архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан.
Во пораката до свештенството и до верниците тој во име на сите останати македонски владици упати молитви до Господ да ни дарува мудрост и единство.
-Кон нашиот православен народ, пак, еве, и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата! Затоа, да Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста. Единствениот и вистински Миротворец и Човекољубец, воскреснатиот Господ Исус Христос, да го утврди во нас Својот мир, нека нè упати по патот на покајанието и на добродетелниот живот и нека нè удостои со жителство во вечниот и небесен град ‒ Новиот Ерусалим, таму каде што Тој ќе биде во сите денови, до крајот на светот. Амин, Христос воскресе, потенцира тој во Посланието.
Архиепископот г.г. Стефан потсети дека повеќе од еден милениум нашиот православен македонски народ живее со верата во воскреснатиот Господ, најнапред проповедана од светиот апостол Павле, а потоа утврдена од охридскиот чудотворец – свети Климент.
-Двајцата, и со зборови и со дела, го посведочиле божествениот и блажен Живот што се излива од Христовиот гроб и им се дава на сите народи, просветлувајќи ги како незаодно Сонце на правдата, и помагајќи и ние, како народ, да ги согледаме светот и историјата на сосема поинаков начин. Нашите богољубиви предци, живеејќи по евангелските пораки и следејќи ги богоугодните примери, узнале дека Царството Божјо не е од овој свет и дека тоа се стекнува преку верата во воскресението и со добродетелен живот. Уште во првите христијански времиња многумина од нашиот род ги познале вечните и незаменливи евангелски вредности, и таа вера во сепобедното воскресение, во текот на вековите, мнозина ја посведочиле и со сопствената крв, силно верувајќи во Оној што има власт на небото и на земјата, и преку Кого „од смртни ‒ постанавме бесмртни“, наведе Поглаварот на МПЦ-ОА.
Тој додаде дека Воскресението. Евангелските вредности и Светиклиментовото наследство, втемелено врз нив, имаат непроменливо и универзално значење, не поради нивната древност сама по себе, туку затоа што ни даваат предвкус за идниот век, приведувајќи нè кон заедницата со воскреснатиот и прославениот Син Божји, Кој ја обнови човечката природа и ја избави од распадливоста и од смртта.
– Всушност, како да не сфативме дека само доколку ја познаеме и живееме со вистината ‒ вистината ќе нè ослободи, дека само со покајание и со прифаќање на Божјата волја, ќе го најдеме патот што води кон личното и кон сенародното учество во тајната на Христовото воскресение. А тоа е патот на смирението и долготрпението, на крстоносењето и на грижата за ближните на кои им е потребна нашата помош, на делата на добродетелта кои сведочат за преобразителната сила на нашата вера, надеж и љубов. Впрочем, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот, порача архиепископот.