Непотребно е и штетно на болните од корона вирусот да им се дава терапија со антибиотикот „Сумамед“, смета инфектологот Вело Марковски, инаку, член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во објавата на својот профил на Фејсбук тој потенцира дека голем број на држави се откажале од терапијата со овој лек кој станал популарен заради широк дијапазон на дејствија и малку несакани ефекти. Овој лек, инаку, често се дава од страна на матичните лекари на пациентите со корона вирус.
-Со почетокот на Ковид-19 пандемијата, Сумамед (азитромицин) стана најпопуларен антибиотик, кој во почетокот се сметаше за единствен спас. Во голем број на држави на сите позитивни (со ПЦР) се даваше овој антибиотик, за среќа повеќето здравствени системи се откажаа од оваа нелогична, непотребна и штетна терапија. Притоа се заборавија основните начела од медицината базирана на докази во употребата на еден антибиотик. Прво, Ковид-19 е вирусно заболување, антибиотиците (кои се наменети исклучиво за лекување на бактериски инфекции) немаат никакво дејство на вирусите. Вториот нарушен принцип е многу важен, давање на антибиотик за време на вирусна инфекција е штетно, поради супримирање на нормалната флора во горнореспираторен тракт. Теориите дека се дава Сумамед на вирусна инфекција за секој случај (не делува ама нема штета) се опасни. За шест дена колку што кај нас до сега се дава азитромицин (плус 68 часа дејство по прекинот на терапијата) ќе ги супримира бактериите, а азитромицинот делува на многу бактерии, така да евентуалната пневмонија која би настанала по прележување на вирусна инфекција, (општо познато и прифатено во науката е појавата на секундарни бактериски компликации, меѓу кои и бактериска пневмонија) ќе биде од бактерија која била резистентна, односно давањето на аитромицинот (за жал кај нас уште плус се додава и Панцеф, а неретко и трет антибиотик) немало никакво дејство на ова бактерија. Значи, пнавмонијата која ќе се развие после било која вирусна инфекција, а истата вирусна инфекција била лекувана со антибиотик, ќе биде од бактерија на која даваниот антибиотик воопшто не делувал, напиша Марковски.
Тој наведува дека матичните лекари треба да сфатат дека лично одговараат за секоја постапка и секој даден лек.
-Теориите дека некој од горе рекол да се дава Сумамед (и плус уште некој антибиотик) ќе ги доведе нивните пациенти во голема опасност, а тие како лекари нема да можат никако да се оправдаат зошто давале антибиотик на вирусна инфекција.. Уште поголема грешка е откако еден ваков пациент лекуван со азитромицин и панцеф, развие пневмонија, (која со сите параметри во крвта е бактериска), да се продолжи лекување со азитромицин и третогенерациски цефалоспорин. Давањето на Сумамед како анти инфламаторен лек кој ќе ги намали цитокините, пред се тумор некроси фактор алфа, кај пациенти со Ковид-19 е неоправдано, затоа што досега во овие 8 месеци науката потврди дека нема цитокинска бура кај Ковид-19, односно и ако се јави цитокинскка бура кај мал број пациенти, тоа е само кај тие што направиле сериозна бактериска компликација, став е на проф др Вело Марковски.
На крајот, тој потенцира дека вирус не се лекува со антибиотик.
-За жал не знам како поинаку да објаснам дека тоа прави штета во понатамошното лекување. Ако некој има симптоми и во крвните анализи има знаци на бактериска инфекција, тогаш матичниот е тој што ќе треба да одлучи со што. За тие што обвинуваат дека не сум давал придонес, на моите ФБ профили и на мојата страница имам објавено цел водич (објавен и во научно списание) наменет за лекари (општа медицина, интернисти…) како да се води пациент со било која респираторна инфекција за време на Ковид-19 пандемија. Не се обидувајте да се лекувате сами. Инаку овој мој труд е забележан од меѓународната стручна јавност, додава тој.