Вевчанскиот карневал е прогласен за културно наследство од особено значење

За културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, е прогласен Вевчанскиот карневал со денешна одлука на Владата. Со тоа  се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарка поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани.

Како што е наведено во Одлуката, по своите карактеристики „Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани“ се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики.

За Василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, ќе се обезбеди пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката. Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство.

Со донесувањето на Одлуката за прогласување на Василичарите во Вевчани  за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство.

Претходна вестКривични пријави за тројца малолетници кои претепаа дете во трговски центар во Скопје
Следна вестКолкави плати ќе земаат функционерите ако им се намалат коефициентите за пресметка?