Виде ли ЕУ што Бугарија славеше во Битола?

Колку е во духот на европската демократија еден културен клуб да се именува по името на докажан соработник на фашистичките режими од Втората светска војна? Ова е прашање кое се наметна по скандалозното отворање на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Одговорот во европските центри на моќ треба да го бараат македонските државни власти – особено шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Но одговорот и без барање треба да го даде официјален Брисел. Всушност до сега од седиштето на ЕУ и требаше да дојде реакција за немилиот настан. Се разбира, ако стигнале да видат што се случи во Битола.

Европската унија е втемелена на почитувањето на демократските вредности. Така тие прокламираат и така нас не учат со децени. Еве им шанса да ја продолжат лекцијата по демократија. Да слушне Македонија, но и Бугарија.

Бугарија, која е дел од европското демократско семејство, славеше културен клуб именуван по докажаниот соработник на фашистичките режими, личност која што се среќавала со злосторници какви што биле Адолф Хитлер, Анте Павелиќ… ЕУ треба да каже каков чин е тоа.

Истовремено, ЕУ комесарите треба да кажат свој став за тоа дека Бугарија не го признава македонското малцинство и дека во пресудите на Европскиот суд во Стразбур никаде не пишувало дека треба да се признае македонското малцинство. А што се 16-те одлуки на важната европска судска инстанца, што се бројните пресуди со кои Бугарија се осудува бидејќи не дозволува македонското малцинство, односно негови поединци, да регистрираат свои здруженија,, Јотова не објасни. А неодамна дури и претседателоот на ЕСЧП Роберт Спано недвосмилено изјави дека Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Стразбур.

Сето ова се прашања на кои сега свој одговор треба да даде самата ЕУ за да каже колку е сето ова во духот на европските демократски вредности, колку сето тоа може да биде една од основите за бугарското вето за македонските европски интеграции. Се чини, сега е краjно време за тоа бидејќи по оваа провокација веќе не може да се остане нем посматрач кој ќе и дозволува на Бугарија да прави што сака. А токму еден од европските премиери, холандскиот, Марк Руте пред повеќе месеци во Скопје ни кажа дека „не е точно дека Бугарија е оставена да прави што сака“.

Ќе дојде ли пак премиерот на Холандија да ни го каже истото?

 

Претходна вестЗошто се плашат да го споменат името на државата?
Следна вестССМ со повик до сите работници да излезат на првомајскиот протест за платите