Признавам вина и му се извинувам и на семејството и на јавноста. Со овие зборови пред велешкиот суд 30- годишниот Ангелче Николов, кој на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка, призна вина на денешното судско рочиште.
На денешното прво рочиште, тој кажа дека е свесен за последиците од признанието, дека ќе добие затворска казна и дека ќе треба да плати отштета и трошоци.
Николов на 17 декември, со уште неколку другари во неговото возило „мерцедес“, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на велешкото училиште „Васил Главинов“, на која е ограничено движењето на 30 километри на час, на пешачки премин удри во мајката и ќерката. Малата Магдалена од местото на ударот била отфрлена дваесеттина метри и веднаш починала. Нејзината мајка, која на пешачкиот премин била еден чекор понапред, тешко беше повредена.
Обвинетиот избега и два дена се криеше, по што сам се предаде во полиција. Истражните органи го идентификуваа уште вечерта.
Николов претходно два пати бил казнуван за возење во алкохолизирана состојба.