Вкупно 1.069 институции не доставиле податоци за службени возила согласно Изборниот закон

Вкупно 1.069 институции во земјава не ја исполниле законската обврска за доставување на податоци за моторните возила со кои располагаат, ниту доставиле информација дека не располагаат со службени возила. Оваа листа вчера ја објави Државната комисија за спречување на корупцијата откако ги сумира пријавите.

Станува збор за 1069 институции, меѓу кои и Град Скопје, Министерството за политички систем, Министерството за животна средина, за образование, за надворешни работи, за правда, финансии, транспорт и врски, голем број здравствени домови и општини…

Согласно со член 8-б став 2 од Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, до Државната комисија заспречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат.

Пријавувањето на возилата се прави со цел да нема злоупотреби на службени возила за партиски цели за време на изборната кампања.

Согласно член 8-б став 5 од Изборниот законик, доколку тие не ги достават податоците, Државната комисија за спречување на корупцијата покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.

-Имајќи во предвид дека постои правна празнина, односно во Изборниот законик не се предвидени прекршочни санкции за непочитување на наведената обврска, ДКСК нема можност за покренување на прекршочни постапки по овој основ, велат од ДКСК.

Претходна вестБез струја делови од Бутел, Карпош и Шуто Оризари
Следна вестТрагедија во Турција при прослава на победа на опозицијата – се урна балконот, еден загина, 8 повредени