Од собраниска процедура повлечен е предлогот со кој ќе се овозможеше декларативна промена на полот самио врз основа на изјава кај нотар. Ова го решила Владата, а според првиот вицепремиер Артан Груби предлогот за измени во Законот за матична евиденција ќе оди на доработка.
-Предлогот треба да се доработи или измени за да биде во согласност со одлуките на судот во Стразбур, рече синоќа Груби во Клик Плус на ТВ21.
Предлогот за измени денеска требаше да се најде пред пратениците на Комисијата за политички систем. Во образложението за потребата од законските измени, предложени од Министерството за правда, стои дека правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.
Во предлогот се наведува и тоа дека секој граѓанин на Македонија кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на правно признавање на родот. Во постапката за правно признавање на родот, секое лице може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет. Правното признавање на родот ќе биде признато во сите области при остварување на правата и обврските на граѓаните… Од Владата образложија дека, според меѓународните стандарди, правното признавање род се заснова само на самоопределување на поединецот. Според предлогот, транс-луѓето не мора да извршат медицинска интервенција за да можат да го остварат правото.
-Барањето за правно признавање на родот се поднесува лично или преку полномошник до Управата. Во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето, стои во предлог-законот.
Во него уште се додава дека барањето за правно признавање на родот се поднесува на образец, чија форма, содржина и начин на негово издавање ги пропишува министерот за правда. Притоа, кон барањето се доставува копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот.
Воедно, неопходна ќе биде и изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска.
Според сознанијата, причина за повлекувањето на предлогот е што за негово излгасување не е обезбеден доволен број на пратенички гласови. Односно, дека голем дел од пратениците на партиите и од владината коалиција и од опозицијата се против ваквиот предлог на Владата. Министерството за правда предложи ови измени да одат по скратена постапка и со европско знаменце.
Во законодавството на Македонија не постои правна рамка за правно признавање на родот. Нашата земја е една од десетте држави во Советот на Европа каде правното признавање на родот не е достапно покрај Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија.