Владата го раскина договорот на Лотарија за просторот во Визбегово тежок 2,6 милиони евра

Владата реши да се раскине договорот за закуп на административно – деловен простор што Државната лотарија го склучи со фирмата „Хеј“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, изнајмен за потребите на Државна лотарија.

– Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија. Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години, соопшти вчера Владата.

Зградата има четири ката и поткровје, се наоѓа на 7 километри од центарот на Скопје и од актуелното седиште на Државна Лотарија. Фирмата „Хеј“ најпрво го купила земјиштето и објектот, а набрзо потоа склучила договор за закуп со Лотарија за 2,6 милиони евра, месечна кирија од речиси 22.000 евра за период од 10 години.

Финансиската полиција веќе отвори предистрага и ја одзела документација од Лотаријата за да истражи дали има нерегуларности.

Со фирмата „Хеј“ се поврзуваат повеќе функционери и блиски роднини на политичари од ДУИ. Во моментот, сопственик на фирмата е Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол и син на Исмаил Јахоски, актуелен пратеник во Собранието. Тој станал сопственик на „Хеј“ лани на 17 октомври, а зделката е регистрирана во Централниот регистар десетина денови подоцна. Претходниот сопственик Армин Машовиќ станал управител на „Хеј“, фирмата која е формирана на 2 февруари 2023 година, а набрзо потоа склучува милионски договор со Лотарија. Машовиќ за неколку месеци ја формирал „Хеј“ ДООЕЛ, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп на истите за сума од над 2,6 милиони евра.

Претходна вестПо поплаките на студентите Филозофскиот факултет ги укинува зголемените давачки, што ќе направат другите факулети?
Следна вестГерманија депортирала 36 лица во Македонија и Србија – меѓу нив и осудени криминалци