Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба, информира премиерот Христијан Мицкоски. Ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.
-Анализиравме увозни царински декларации и цени во малопродажба и заклучивме дека многу производи се продаваат по двојно повисоки цени од увозните, На пример маркер се набавува по 60,1 денари, а се продава по 130 денари, на јаглен набавната цена е 68,6 денари, додека продажната 200 денари. Боиците имаат увозна цена од 69,5 денари, а се продаваат од 120-150 денари, кај моливите имаме набавни цени од 54,1 денари, а продажни по 120 денари, изјави премиерот Мицкоски.
Според Мицкоски, оваа мерка не е задоцнета.
– Секогаш може да се направи нешто поинаку. Мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата тогаш веднаш се реагираше. И на мене не ми паѓа на памет некој производ што има увозна декларација од 50 денари да се продава по 120-150 денари. Убеден сум дека со оваа мерка ќе заштеди половина од буџетот на семејството. Да има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор, но во наредниот период ќе имаме и други вакви мерки што ќе значат заштита на „есенската кошничка“ и на зимската, додаде тој.
Усвоената одлука се однесува на замрзнување на цените на училишните продукти во период од 03.09.2024 до 20.10.2024 година.
Целосната листа: Ранци и ташни; Тетратки, блокови, нотеси, колажи; Средства за пишување (моливи и пенкала); Дрвени боици; Пластелин, теста за моделирање, подлоги; Фломастери и маркери; Мрсни боици; Темперни, акрилни, водени бои и четки; Линијари и дидактички материјали; Острилки и гуми за бришење; Детски ножици; Футроли, етуи и училишни додатоци; Лепак; Шестари, дигитрони, компаси и лупи; Чаши за прибор и држачи; Украсна хартија; Папки и картонски ташни; Материјали за изработки.