На преку 150.000 граѓани ќе им бидат отпишани каматите на долгови што ги имаат кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, и ќе им се овозможи главниот долг и трошоците да ги платат на рати.
Ова го предвидува Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на ковид-19, што денеска го усвои Владата и ќе биде испратен во Собранието.
Постапката е следна: Државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната вебстраница на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.
Законот се однесува само на државните и јавните претпријатија, и премиерот Заев упати апел до приватните компании доброволно и да им излезат пресрет на граѓаните и тие да им ги отпишат каматите.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали ваквиот закон е фер, пак, кон оние кои редовно си ги плаќаат долговите Заев рече дека не се работи за целосно отпишувањее на долговите туку само на каматите, додека главнината останува да си ја платат.